Проблемот со илегалната миграција да се надмине со зајакната институционална меѓународна соработка
Македонија има висок степен на хармонизација со европската легислатива и е целосно подготвена за старт на преговорите за членство, изјави министерката Јанкулоска...

Кризните ситуации на Блискиот Исток и во Северна Африка предизвикаа бранови бегалци кон Европската унија кои минуваат и низ земјава. За ова денеска се разговараше во Владата на Република Македонија каде што се одржа дипломатскиот брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција.
На брифингот присуствуваа дипломатскиот кор и меѓународни институции, а свое обраќање имаа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, амбасадорот Јон Ивановски и Трпе Стојановски, директор на Регионалниот центар.
Проблемот со илегалната миграција може да се надмине само со зајакната институционална меѓународна соработка. Македонија има висок степен на хармонизација со европската легислатива и е целосно подготвена за старт на преговорите за членство, изјави министерката Јанкулоска. Европската перспектива, подвлече, е единствена опција за сите земји од реигонот.
Иако Република Македонија подолго време е земја кандидат, тоа не не обесхрабрува многу, туку повеќе ни дава сила да покажеме дека ние сме подготвени за отпочнување со процесот на преговори и тоа час поскоро, рече меѓу другото во обраќањето Јанкулоска.
Кога станува збор за нерегуларната миграција, во принцип се работи за мигранти кои од безбедносни причини спасуваат жива глава. Меѓутоа, имајќи предвид на какви се дејствија се упатени и се случуваат, овие канали се користат и од структури кои можат да ги злоупотребат во смисла на некаков радикализам, на можни терористички активности и друго, изјави Трпе Стојановски, директор на МАРРИ Регионалниот центар.
