Кошарка – НБА

Атланта и Голден Стејт дојдоа до 50 – та победа, братскиот дуел за Марк

10.03.2015 14:01

Атланта се зацврсти на лидерската позиција во Источната конференција со десет победи повеќе од Кливленд. И Голден Стејт дојде до 50 триумф, со победата во Феникс од 98 : 80, предводен од Стив Кари со 36 поени...

Екипата на Атланта дојде до јубилејната 50 победа сезонава, откако му го наполни кошот на Сакраменто со 130 : 105. Перо Антиќ не влезе во игра кај “јастребите“ во чии редови шестмина беа двоцифрени, а најзаслужен беше Џеф Тиг со 18 поени и 13 асистенции. Атланта се зацврсти на лидерската позиција во Источната конференција со десет победи повеќе од Кливленд. И Голден Стејт дојде до 50 триумф, со победата во Феникс од 98 : 80, предводен од Стив Кари со 36 поени.

Вечерта го одбележа “братскиот дуел“ на шпанските центри Гасол, нивно прво соочување по “ол стар“ мечот во кој беа стартери за своите конференции. Марк беше поуспешен со 23 поени и 4 скокови во победата на Мемфис во Чикаго со 101 :91 за 45 сезонска победа и втора позиција на западот. Пау постигна 13 поени и 11 скокови за Чикаго, кој остана трет на истокот со 39 победи и 26 порази. Мајами е се подалеку од постсезоната, особено по повредата на Крис Бош. Загубија дома од Бостон со 90 : 100 и покрај 34 поени на Двејн Вејд, а кај гостите резервистот Ајзеа Томас блескаше со 25 поени. Њу Орлеанс ги одржа надежите за “плеј оф“ по победата во Милвоки 114 : 103 и фантастично издание на Ентони Дејвис со 43 поени и 10 скокови.

Во другите мечеви ЛА Клиперс – Минесота 89 : 76, Денвер – Њујорк 106 – 78 и во најнеефикасниот дуел Шарлот – Вашингтон 69 : 95.