Владкова- Холар: Македонската економија расте побрзо од останатите во регионот

10.03.2015 14:25

Според шефицата на ММФ за земjава, Ивана Владкова- Холар, македонската економија побрзо расте од другите економиции во регионот...

Во Македонија се спроведени најмногу структурни реформи, а земјата, во однос на другите од регионот, е најблиску до членките на Европската Унија. Ова го покажува последниот извештај на ММФ, посветен на Западниот Балкан, а објавен денеска во Виена.

Македонската економија расте побрзо од останатите во регионот. Тоа се должи на мерките од фискалната политика кои го поттикнаа растот, но и на странските директни инвестиции. Ова го изјави шефицата на мисијата на ММФ за Македонија, Ивана Владкова- Холар, која денес беше еден од презентерите на извештајот на ММФ за земјите за Западен Балкан, на конференцијата „15 години транзиција“ која се одржува во Виена.

„Македонија води добра макроекономска политика и имаше простор со фискалната политика да интервенира во време на светската економска и европската должничка криза и да го стимулира растот“, изјави Холар за МРТ.

Според неа Македонија постигнала успех благодарение на настојувањата да се привлечат странски инвеститори.

Како предизвици за наредниот период за Македонија, но и за останатите земји од Западниот Балкан, Холар ги наведува намалувањето на невработеноста, создавање на повеќе простор за раст на приватниот сектор и одрзување на макроекономската стабилност.

Во извештајот на ММФ „Западен Балкан: 15 години транзиција“ се наведува дека Македонија предничи во структурните реформи во регионот. Исто така Македонија и Србија се наведуваат како земји кои добиле најмногу од отварањето на економиите, односно дека имаат значително подобрување на структурата на извозот со производи со повисока додадена вредност. За странските директни инвестиции се наведува дека ќе бидат генератор на нови работни места, што ќе го реши едно од најгорливите прашанја -невработеноста.

 

Билјана Василева- Трендафилова, специјален известувач од Виена за МРТ