Лига на шампиони осминафинале - реванши

Реал и Порто веќе видени четвртфиналисти!

10.03.2015 14:46

Поради квалитетот и резултатите од првите натпревари, многумина веќе ги гледааат, особено Реал, па и Порто во четвртфиналето, но однапред добиените мечеви се најтешки за играње...

Кралскиот клуб од Гелзенкирхен во Мадрид донесе 2:0, но тренерот на Шалке, Ди Матео вели дека неговите фудбалери имаат висок морал  и дека не се без шанси, иако никој не верува и не би се обложил на нив.   

Можеби италијанскиот стручњак се надева на чудо поради моменталната лоша форма на Реал, но Германците на Сантијаго Бернабеу ќе бидат без речиси цел прв тим, без повредените Дракслер, Фарфан, Аого, Обаси, Ферман, Колашинац, Гифер и суспендираниот Боатенг, а неизвесен е настапот и на Матип, Горецка и на Киркоф.

Во 2015-та Реал не игра на нивото на шампион, па веќе загуби четири натпревари за разлика од минатата година кога беше поразен само седумпати. Триото Роналдо, Бензема, Бејл лани постигнуваше по 2,6 гола по натпревар, а годинава двојно помалку.

Сепак, се е на страната на Реал којшто ќе напаѓа два рекорда, 11-та победа по ред вкупно и 12-та на домашен терен во Лигата на шампионите. Родригез се уште е повреден, а тренерот Анчелоти кој од своите фудбалери побара да играат брзо, без многу додавања, по подолго време ќе може да смета на Модриќ и на Рамос кои ќе добијат минутажа во второто полувреме.

Порто во дуелот со Базел, ќе влезе со серија од осум меча без пораз на Драгао и со позитивни 1:1 од Швајцарија.  Првиот стрелец на домаќинот Џексон Мартинез е повреден, но Шпанецот на клупата на Португалците Лопатеги, сепак не се сомнева во нападот и смета дека неговата екипа во некои делови од натпреварот ќе мора добро да се брани.

Португалскиот стратег на Базел, Соуса инсистира на тоа дека уживаат што се дел од елитното друштво. Сепак за да го повтори  четвртфиналниот успех од пред три сезони, швајцарскиот првак ќе треба да одигра нерешено со повеќе голови или првпат да триумфира и во нокаут фазата и на шестото гостување во Португалија.