Уште 1.000 здравствени работници на едукација во странство

10.03.2015 15:42

Годинава илјада медицински работници ќе заминат на обука во реномирани светски болници. Знаењето за современите методи и техники на лечење треба да им ги пренесат на своите колеги. Досега во странство заминале 1.100 вработени во здравството, во чие знаење се инвестирани 1,5 милион евра...

Најсовремени методи и техники за лекување и третман на пациентите, особено во делот на онкологијата и интервентната кардиологија. Тројно е зголемен бројот на интервенции во здравствените установи. Ова се некои од придобивките од обуките во странство. Но, дали лекарите можат самостојно да ги изведуваат интервенциите за кои се обучувале? Комисија од Министерството за здравство што ја врши проверката, досега нашла само еден негативен пример. 

„Кај сите други случаи докторите одлично ја прифатиле едукацијата, одлично ги совладале новите методи и веќе ги применуваат во земјава, освен онаму каде што е потребен подолг временски период за некоја метода, тогаш се одлучува повторно да се прати на едукација на дополнителен период“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.    

За две години откако се спроведува прокетот за доедукација, во странство биле 1.100 здравствени работници. Досега за овие обуки се потрошени повеќе од 1 и пол милион евра.

Во реномирани медицински центри во Европа, САД и Австралија на доедукација годинава ќе заминат вкупно илјада лекари и друг медицински персонал. По завршените обуки, искуството ќе го пренесуваат во болниците каде што работат.

 

Андријана Атанасовска