Нови проекти за ИКТ секторот
Компаниите од ИКТ – секторот сакаат дел од колачот за набавка на 300 илјади таблети. Бараат потесна соработка со властите во процесот на креирање на политиките, со цел да се подготват и навреме да аплицираат за предвидените проекти...

Компаниите од ИТ секторот треба да се подготват за проектот 300 илјади таблети за образованието што треба да стартува во август годинава. Повик од ресорниот министер. На средбата со членките на Сојузот на стопански комори ги презентираше и идните проекти за електронски услуги финасирани од ИПА фондовите, а се разгледуваа и можностите за намалување на бирократијата во малите и средните претпријатија.
„Нема да стане збор само за хардвер, туку и развој на софтвер во чие развивање се надеваме македонските компании да се вклучат активно, обуки за наставниот кадар, како и потребна опрема од аспект на модернизирање на самите училишта. Техничката документација би требало да заврши до јуни и постапката да почне на крајот на август“, изјави министерот за информатичко општество и админисрација, Иво Ивановски.
Бизнис- заедницата очекува многу од учеството на домашните ИТ компании во идните владини проекти. Фирмите ќе можат да се подготват и навреме да аплицираат.
„Токму тоа е причината зошто сме денеска тука, да поразговараме со претставниците на МИОА, односно да добиеме информација кои се замислите на Владата во таа насока, но и да дадеме сугестии што повеќе домашни фирми да бидат вклучени во овој проект“, изјави Саша Огненовски, претседател на ИКТ – комората при ССК.
Ова не е прва соработка. ИТ компаниите од Сојузот на стопански комори и Министерството за информатичко општество и администрација веќе спроведуваат и проект за компјутери за социјално ранливите категории граѓани.
Сунчица Николовска
