Одбележани 72 години од депортацијата на евреите во Битола

10.03.2015 16:31

Пред 72 години битолското мултиетично стебло изгуби една значајна гранка. Над 3.000 евреи беа депортирани. Годините минуваат, но спомените се сѐ посилни посебно кај живите сведоци од ноќта на ужасот...

Нема година на денешен ден академскиот сликар Ѓорѓи Десановски- Десан да не ги обиколи некогашните еврејски маала. Со мислите да се врати на својата шестгодишна возраст, да се потсети на поврзаноста на неговото семејство со оваа заедница, на неговата негователка, еврејката Сара, на етничката заедница која 55 години е императив во ликовната дејност, на луѓето кои некогаш тука живееле и биле дел од големото битолско мултиетничко стебло.

„Тоа беа лојални граѓани, домаќини и еснафи. Мирни луѓе кои знаеа да помагаат да се жртвуваат за семејството, но и вистинските пријатели“, вели академскиот ликовен уметник Ѓорѓи Десановски- Десан.

Во злокобната ноќ на 10-ти наспроти 11-ти март беа депортирани над 3.000 битолски евреи. Грозоморен чин што на богатото историско минато на овој град му дава едни поинакви димензи кои се дел од една голема човечка трагедија.

„Битола е дел од оваа светска човечка трагедија па затоа мораме да работиме да дојде повисоко на мапата од трагедијата на холокаустот“, рече израелскиот амбасадор во РМ, Дан Оријан.

„Ова е тажен ден за Битола. Секогаш на овој ден тука не спојува тагата и болката“, изјави претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо Николиќ.

„Битола памети и не заборава. И по 72 години како да му фали еден важен орган на битолскиот организам“, нагласи градоначалникот Владимир Талески.

Во чест на некогашните сограѓани кои насилно заминаа и никогаш повеќе не се вратија и годинава пред спомен обележјата се положи букет свежо цвеќе, а во магазата беше отворена изложбата со минатогодишните дела насликани на Пелистер, од уметници од повеќе земји со мотиви од ужасот на холокаустот.

 

Стевче Митрески