Аналитичари: Прислушувањето дело на странски центри

10.03.2015 17:22

Се поочигледно е дека Македонија има внатрешен непријател, кој со помош на странски служби сака да направи раздор во земјата - став на новинари за аудио-материјалите што ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Историчарите велат дека народот е жртва на антимакедонско сценарио и велепредавство...

Пуштањето креирани материјали за само неколкумина функционери го разбива тврдењето на Заев дека не прислушува државата, туку тоа е спроведено од странски центри со свои луѓе од внатре, тврдат експертите. Неможе да тврди лидерот на СДСМ, сметаат тие, дека наредбодавачи се Груевски и Мијалков, па уште и сами да се прислушуваат.

Од Граѓанското движење за Македонија јасно укажуваат дека сценариото на опозицијата се расплетува по признанието на еден од инволвираните дека прислушувал во корист на Заев и екс разузнавачот Верушевски.

Аналитичари порачаа дека Македонија има внатрешен непријател, кој со помош на странски служби сака да направи раздор во земјава.

„Ако гледате надвор од овие слики што ни ги проектираат, тие што учествуваат како платени соработници во ова на странски служби, не може да не видите дека цел месец ние гледаме како се подготвува македонскиот народ за поделба, се подготвува терен за граѓанска војна, што никогаш не сме го имале како искуство“, вели Мирка Велиновска, новинар.

Според професорката Ачковска пак, жртви сме на антимакедонско сценарио, огромно велепредавство, а Македонија одново ја доживува трагичната историја.

„Знаеме што значеа туѓите пропаганди, што значеа инволвираноста на туѓите интереси и сили во македонското национално ткиво, со децении, можеби век и половина ги делеле македонците. За жал таа трагична историја ја доживуваме и ден денес“, вели Виолета Ачковска, историчар.

Заев, велат експертите, е само инструмент на странските центри. Според премиерот Груевски неговата лична цел е преку криза да дојде на власт.

„Тој што ова го прави мене ми личи на онаа стара бранкова школа, а тоа е да се дојде на власт преку криза. СДСМ практично не може да дојде на власт без создавање на криза, затоа што имаат недостатоци на идеи, затоа што немаат програма и проекти, немаат што да понудат на граѓаните“, изјави премиерот Никола Груевски.

Во целата ситуација со креираните материјали најгласни се грчките подржувачи на Заев, кои пак жестоко го напаѓаат премиерот Груевски, но и Граѓанското движење за одбрана на Македонија, кое преку трибини и средби со граѓаните, отворено се спротистави на сценариото на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

 

Милчо Велески