Јавно обвинителство: Нема да дозволиме да нѐ вклучат во интригите

10.03.2015 18:14

Повторуваме дека надлежните обвинителства веќе имаат отворено предмети по кои интензивно се постапува. Истражната постапка бара преземање на дејствија, внимание и посветеност. Прибирањето на доказите, податоците, релевантните факти е строго законски определен процес, кој за да успешно се финализира изискува неопходно време...

Ниту Јавното обвинителство како институција, ниту било кој јавен обвинител нема да дозволат да бидат вклучени во интригите, ниту преку нив да се пресметуваат меѓусебно лицата инволвирани во случувањата, без разлика на причините и мотивите заради кои тоа се прави, соопштија денеска од Јавното обвинителство.

Повторуваме дека надлежните обвинителства веќе имаат отворено предмети по кои интензивно се постапува. Истражната постапка бара преземање на дејствија, внимание и посветеност. Прибирањето на доказите, податоците, релевантните факти е строго законски определен процес, кој за да успешно се финализира изискува неопходно време.

По однос на објавените снимки и други материјали за кои се коментира дека наводно потекнуваат од примена на посебни истражни мерки, надлежните обвинителства издадоа наредби до надлежни органи за преземање мерки и дејствија со цел да се извршат проверки и се соберат известувања дали се работи за делови од истражни мерки или се други материјали, за тоа кој, кога и на кој начин ги објавил материјалите. 

До надлежните институции дадена е наредба да се отстранат снимките и да се спречат нивните натамошни објавувања. Исто така, се преземаат и активни дејствија за материјалите кои се однесуваат на наводно прислушкувани разговори, а кои се објавуваат од страна на СДСМ, велат од Јавното обвинителство.