72 години од холокаустот на македонските Евреи

11.03.2015 09:22

Делегации од Еврејската заедница и од Собранието на Република Македонија ќе положат цвеќе на местото на привремениот логор - Монополот и на Еврејските и партизанските гробишта во Бутел...

Еврејската заедница во Република Македонија денеска ќе одбележи 72 години од депортацијата и  холокаустот на 7.144 македонски Евреи во концентрацискиот логор Треблинка. Годишнината од тој трагичен настан се одбележува со  комеморативни активности во Скопје, Битола и Штип.

Делегации од Еврејската заедница вчера, како и на секој 10 март во минатите години, ги посетија Битола и Штип - градови во кои до 1943  година имало големи еврејски заедници.

Централното одбележување е денеска во Скопје. Делегации од Еврејската заедница и од Собранието на Република Македонија ќе  положат цвеќе на местото на привремениот логор - Монополот и на Еврејските и партизанските гробишта во Бутел. Активностите ќе завршат со комеморативен концерт од 20 часот во киното „Фросина“.