Ставрески: ММФ забележа дека имаме напредок во намалување на невработеноста
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој зема учество на конференцијата организирана од ММФ во Виена за презентација на извештајот, истакна дека оценките на ММФ како најрелевантна финансиска институција се големо признание за економските политики на Владата...

ММФ нотираше напредок во намалувањето на стапката на невработеност во Република Македонија. Во извештајот „15 години транзиција Западен Балкан“ Фондот посочува дека младите во Македонија и Србија имаат многу поголеми можности за наоѓање работа во однос на младите од регионот. Како причина за тоа се наведуваат инвестициите во образованието и ефектите од странските директни инвестиции.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој зема учество на конференцијата организирана од ММФ во Виена за презентација на извештајот, истакна дека оценките на ММФ како најрелевантна финансиска институција се големо признание за економските политики на Владата.
За Македонија беше потенцирано дека има повисоки стапки на раст во однос на другите земји во регионот, дека има намалување на невработеноста, особено кај младите луѓе, се разбира во рамките на овие околности. Тоа е показател дека политиките за подобрување на конкурентноста на економијата, за зајакнување на бизнис климата, за подобрување на условите за водење бизнис и инвестициите во образованието и инфраструктурата се правилен начин да се справиме со предизвиците на денешницата – истакна Ставрески.
Вицепремиерот посочи дека политиките на Владата ќе продолжат во насока на одржлив раст на економијата и понатамошно намалување на невработеноста како главна цел на Владата на РМ.
Постои уште многу простор за работа во повеќе сегменти, постојат уште многу прашања кои треба да се довршат и решат на правилен начин. Но, самиот податок дека Македонија е истакната како земја која остварува добри резултати, подобри споредбено со остатокот од регионот, покажува дека треба да продолжиме со уште поголем интензитет на работа - вели вицепремиерот Ставрески.
Во извештајот „15 години транзиција Западен Балкан“ за Македонија беше истакнато дека е напредна во структурните реформи, дека има најмали даночни оптоварувања за бизнисот, како и дека сега извезува производи со поголема додадена вредност.
Шефицата на Мисијата на ММФ во Македонија, која го презентираше извештајот на конференцијата, истакна дека македонската економија расте побрзо од останатите во регионот и дека ја има задржано макроекономската стабилност.
