Се стега обрачот околу сивата економија
Во расправата во матичната собраниска Комисија за економски прашања, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Коџабашиев нагласи дека со овие законски корекции ќе се овозможи формализирање на работниот ангажман на лицата кои сега немаат легален работен однос и се во зоната на сивата економија...

Се стега обрачот околу сивата економија, во која според проценките, нелегално се ангажирани 152 илјади лица. Со измените и дополнувањата во два закона, техничката инспекција и државниот пазарен инспекторат ќе санкционираат работодавачи, доколку при надзор во нивните фирми затекнат ангажирани лица со кои не е заснован работен однос според законот.
Во расправата во матичната собраниска Комисија за економски прашања, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Коџабашиев нагласи дека со овие законски корекции ќе се овозможи формализирање на работниот ангажман на лицата кои сега немаат легален работен однос и се во зоната на сивата економија.
Според Министерството за економија, практично со ова се прошируваат надлежностите на двата инспектората, во делот на надзор и санкционирање работодавачи, кои работно ангажирале непријавени работници.
Двата предлог закона за техничка инспекција и за државниот пазарен инспекторат ја минаа првата фаза пред матичната собраниска комисија за економски прашања со што се зајакнува правната сигурност, и како што вели претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, се дава можност поголем број непријавени работници да го легализираат својот работен однос.
Свето Николовски
