Деветти повик за почеток на преговори - ЕП ја усвои резплуцијата за напредокот на Македонија

11.03.2015 14:57

Со мнозинство на гласови Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија, предложена од словенечкиот европратеник Иво Вајгл...

По деветти, последователен пат, Европскиот парламент го повика Советот на Европската Унија да утврди датум за почеток на преговори со Република Македонија, со цел да не го скрши еланот, да ги забрза реформите поврзани со европските придобивки и да го зацврсти процесот на демократизација.

Европскиот парламент во големо мнозинство потсети дека разликите околу името не треба да бидат пречка за отворање на преговори, според европратениците, тоа е билатерално прашање и не треба да биде пречка за почеток на преговорите, иако треба да се реши пред процесот на зачленување.

Имено, во вчерашната расправа прашањето околу името на Македонија, повторно ја стави во сенка суштинската расправа за напредокот на земјата. Грчките европратеници не ја криеа иритираноста од користењето на името Македонија, од страна на известувачот Иво Вајгл, како и на другите, посебно хрватските европратеници. Сите грчки европратеници без разлика на нивната обоеност, се обидоа да им докажат на нивните европски колеги дека проблемот со името е меѓународен, а не билатерален проблем.

ЕП смета дека е потребно да се има конструктивен пристап за проблемите со соседните земји во однос на билатералните прашања. Европратениците ги отфрлија сите предложени амандмани од Зелените и од Обединетатат левица, поточно тие на Oбединетата левица беа од редовите на Сириза, освен амандманот на Иво Вајгл, кој беше прифатен и кој се однесува на усогласувањето на македонското законодавство со тоа на ЕУ, како и подбрувањето на правосудниот систем.

Од Резолуцијата беше избришан делот кој се однесуваше на тоа да историјата да се толкува според фактите, и да се изработат педагошки помагала ослободени од идеологијата и говорот на омраза кон сосседните земји кои датираа од комунистичката ера.

Но затоа, пак, остана делот со кој се охрабрува преземеањето на мерки за историско помирување за да се надминат разликите меѓу различните национални етнички групи, „меѓу кои и граѓаните со бугарски идентитет“.

Како и што можеше да се очекува, во резолуцијата влегоа и последните случувања на политичката сцена во Македонија, аферата „Пуч“, прислушувањата. Европратениците, како и претставниците на Советот и Комисијата зборуваат за „сериозна и драматична политичка криза.“

ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е под надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ