Штајнмајер и Венизелос разговарале и за Западен Балкан

09.01.2014 23:21

Грчкиот долг, кризата и преговорите со Тројката беа главните теми на прес конференцијата по средбата на шефовите на грчката и германската дипломатија Евангелос Венизелос и Валтер Штајнмаер

Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, иако претходно имаше најави дека една од темите на разговор ќе биде и проблемот што Атина го има со нашето уставно име, на прес конференцијата за ова не стана збор. Венизелос само кусо информираше дека разговарале и за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.

Министерот за надворешни работи на Германија го поздрави досегашниот тек на реформите во Грција, нагласувајќи дека сепак , поминат е само еден дел од целокупниот пат.

 „Дојдов во Грција бидејќи знам дека земјата треба да изоди долг пат за да излезе од оваа економска тешкотија и економски да застане на свои нозе. И овде сум затоа што сакам да нагласам дека ние Германците имаме голема почит и признание за Грција за овој прв дел од поминатиот пат", изјави шефот на германската дипломатија.

Германскиот министер за надворешни работи е првиот шеф на дипломатија што ја посети Атина откако Грција вчера и официјално го презеде претседателството со ЕУ.

 Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина