Јапонија: Четири години од катастрофалниот земјотрес и цунами
Јапонија одбележува четири години од земјотресот и цунамито кое во 2011-та остави пустош зад себе. 230 илјади лица и натаму се раселени. Токио и помалите места со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите кои настрадаа во една од најголемите природни катастрофи...

Јапонија ја одбележува четири годишнината од катастрофалниот земјотрес и цунами кои однесоа илјадници животи и предизвикаа нуклеарна криза. Комеморации се одржуваат во повеќе градови кои беа уништени при налетот на природната катастрофа. Едноминутоно молчење во сеќавање на жртвите се одржаа во Токио и во помалите градови и места во околината која се најде на удар на непогодите во 2011-та. На церемонијата во Токио присуствуваше царот Акихито, царицата Мичико како и премиерот Шинзо Абе.
„Реконструкција на уништените области е во втора фаза. Ќе дејствуваме процесот за опоравување од катастрофата да се забрза“, изјави премиерот на Јапонија, Шинзо Абе.
Четири години подоцна, околу 230.000 евакуирани лица се раселени од своите домови по земјотресот од девет степени по Рихтер и разорното цунами.
„Се сеќавам на денот на големиот земјотрес. Тоа беше многу студен ден. Би сакал час поскоро да се врати во нормала.“
„Никогаш нема да го заборавам денот кога се случи големиот земјотрес. Тогаш го изгубив мојот најдобар пријател.“
Кон природната катастрофа- најтешка по Втората светска војна се придодаде и нуклеарната несреќа со нуклеарната централа Фукушима1 која протера десетици илјади луѓе од нивните домови.
Операторите на централата се уште се борат да ја задржат радиоактивни вода од протекување надвор од фабриката.
Сите 48 нуклеарни реактори во Јапонија се вон функција, но владата и натаму работи на нивно рестартирање и покрај загриженоста за нивната безбедност.
Маријана Димовска
