Позитивните оценки на ММФ - големо признание за економските политики на владата
Оценките на ММФ како најрелевантна финансиска институција се големо признание за економските политики на Владата- вели министерот Ставрески. Најави дека овие политики ќе продолжат во насока на одржлив раст на економијата и понатамошно намалување на невработеноста како главна цел на Владата...

Според извештајот на Меѓународниот монетарен фонд Македонија добро стои, особено кај структурните реформи, а нотиран е и напредок во намалувањето на стапката на невработеност. Фондот посочува дека младите во Македонија и Србија имаат многу поголеми можности за наоѓање работа во однос на младите од регионот. Причина за ваквата состојба се ефектите од странските инвестиции и вложувањето во образованието. Оценките на ММФ како најрелевантна финансиска институција се големо признание за економските политики на Владата- вели министерот Ставрески. Најави дека овие политики ќе продолжат во насока на одржлив раст на економијата и понатамошно намалување на невработеноста како главна цел на Владата.
„За Македонија беше потенцирано дека има повисоки стапки на раст во однос на другите земји во регионот, дека има намалување на невработеноста, особено кај младите луѓе, се разбира во рамките на овие околности. Тоа е показател дека политиките за подобрување на конкурентноста на економијата, за зајакнување на бизнис климата, за подобрување на условите за водење бизнис и инвестициите во образованието и инфраструктурата се правилен начин да се справиме со предизвиците на денешницата“, изјави за МРТ вицепремиерот Ставрески.
Во извештајот „15 години транзиција Западен Балкан“ за Македонија беше истакнато дека има најмали даночни оптоварувања за бизнисот, како и дека сега извезува производи со поголема додадена вредност.
Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов вели дека резултатите се одлични, но земјите од Западен Балкан ги чека уште многу работа.
„Тој пат треба да се продолжи, претстои многу работа, гледаме и од она што се случува во Европската Унија, дека дури и по влезот во Унијата продолжува работата на структурните реформи, се со цел да се подобри конкурентноста, бидејќи структурните реформи се процес кој никогаш не запира, така што и во извештајот на ММФ за Западниот Балкан беше констатирано дека е направена онаа прва генерација на реформи, меѓутоа она што претстои е продолжување на рефрмите во насока на конкурентноста“, изјави за МРТ гувернерот Богов.
Шефицата на мисијата на ММФ во Македонија, Ивана Владкова- Холар, која го презентираше извештајот на конференцијата во Виена, изјави дека македонската економија расте побрзо од останатите во регионот и дека ја има задржано макроекономската стабилност.
Билјана Василева- Трендафилова
