Македонија е важен партнер за Алијансата!

11.03.2015 17:05

Македонија е значаен партнер на НАТО и да не беше грчката блокада до сега ќе беше членка на Алијансата. Ова се некои од заклучоците по средбата на премиерот Груевски со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Двајцата ги коментираа и последните случувања во Македонија...

Членството на Република Македонија во НАТО останува во интерес на Алијансата и претставува  цврста определба на македонската Влада. Ова се основните теми кои беа во фокусот на денешата прва работна средба на премиерот Никола Груевски со новиот Генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Заеднички ги разгледавме темите поврзани со спроведување на националните реформи поврзани со членстовото. Реформи во делот на одбраната, економијата правосудството. Паралелно нашите очекувања и надежи се да се разреши клучното прашање поради кое не може Македонија да ја добие поканата“, изјави премиерот Никога Груевски.

Во однос на ова прашање, Столтенберг повтори дека одлуките во Алијанста се носат врз база на консензус, и упати апел до двете страни да ги интензивираат напорите, да се затвори ова прашање, дотолку повеќе што Република Македонија е значаен партнер во мисиите на НАТО.

Ви благодарам за вашето учество во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан и за вашата поддршка и врски во комуникацијата на КФОР во Косово. Вашата нација е обезбедувач на  безбедноста. Ви благодарам за тоа“, рече генералниот секретар на НАТО, Столтенерг.

На денешната средба секако станало збор и за актуелната политичка ситуација за која новиот генерален секретар на Алијансата порача до сите политички сили во државата да се фокусираат на конструктивен и транспарентен дијалог, кој ќе овозмози напредок во политичките и економските реформи, кои се од витално значење на евро-атлантската агенда. Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски истакна дека се што е во ингеренции на Владата ќе биде јасно и транспарентно, соглсно законските прописи.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ