Аналитичари: Нема екслозии од бомбите на Заев

11.03.2015 17:11

„Бомбата на Заев е не експлозивна. Очекувавме бомби кои ќе ја разнишаат државата, но од тоа нема ништо“ коментираат аналитичарите по објавувањето на прислушувани материјали во Универзалната сала. Со конструираните материјали што ги објавува Заев, велат аналитичарите, станува јасно дека цел на странските служби помогнати од Верушевски и неговите соработници се само неколкумина од државниот врв...

„Бомбата на Заев е не експлозивна, а трибината повеќе наликувала на партиски митинг со најтврдокорните членови“- ова се првичните коментари на аналитичарите по објавувањето на прислушувани материјали во Универзална сала. Евтов вели очекувавме бомби кои ќе ја разнишаат државата, но од тоа нема ништо.

„Се плашам дека крешчендото е постигнато и дека ако нема нешто поспектакуларно од ова ќе има само еден надолен тренд“, смета новинарот Васко Ефтов.

Заев според него продава илузии, а СДСМ ја дерогира државата бидејќи не верувала во институциите.

„СДСМ и Заев немаат друго што да прават во моментов освен да продава илузии дека сигурно победува“, нагласува Ефтов.

„Со цел да се наметне искривена слика за изборите, лидерот на СДСМ Зоран Заев убедува дека во три општини, Куманово, Центар и Ранковце изборите се фалсификувале“ – анализираат експертите. Токму во овие општини велат тие не победи владеачката коалиција со што паѓаат во вода тврдењата за изборен фалсификат.

И поранешниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров вели дека не може 100 луѓе да минат незабележано, бидејќи на избирачките места се присутни и луѓе од опозициските партии.

„Заради кредибилноста во избирачкиот процес ние баравме да имаме контролори. Јас искрено не верувам дека е возможно на некој наш контролор на гласачко место да му се протнат 100 луѓе кои не ги познава и да му заокружат“, изјави Петров.

Последната анкета на ири говори дека дури 75 проценти од испитаниците рекле дека немале притисок  на изборите, додека потврдно одговориле само 4 проценти. Со ваква статистика ниту членовите на опозициската СДСМ не рекле дека трпеле изборни притисоци за кого да гласаат. Анкетите говорат дека е минорен бројот на оние што потврдуваат дека некој за време на избори вршел притисок за тоа како да се гласа.

Со конструираните материјали кои Заев ги објавува, велат аналитичарите станува јасно дека цел на странските служби помогнати од верушевски и неговите соработници се само неколкумина од државниот врв.

Миле А. Ристески