Мехмети: Преодна влада- премиер Албанец
Барањето за преодна влада на Заев за ДУИ е прифатливо. Според Ермира Мехмети, доколку се случи такво нешто, тогаш, би требало претседателот на таа влада да биде Албанец. Аналитичарите во изјавите на членови на СДСМ, ги препознаваат планираните сценарија на опозицијата...

Можно ли е опозицискиот СДСМ да подготвува сценарио за преземање на власта без избори преку формирање ново парламентарно мнозинство со партиите од албанскиот политички блок? Од Соединетите Американски Држави се огласи пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети. На својот Фејсбук профил таа предлага- доколку Европската Комисија најде начин да и помогне на Македонија да излезе од политичката криза, а тоа финишира со некоја преодна влада, би требало премиерот на таа влада да биде Албанец.
„Во услови кога двете партии од македонскиот блок се длабоко разединети и се на различни страни, само албанската етничка заедница која директно не учествува во кризата може да биде посредник. Освен решавање на политичката криза, таа влада би имала мандат и да го реши спорот за името“, смета Ермира Мехмети.
Ако се анализираат неколку изјави на членови или блиски политичари до СДСМ во изминатиов период, меѓу нив и онаа на Љубомир Фрчкоски од пред неколку години за една албанска телевизија, дека им одговара влада која секогаш ќе биде коалициска и со ротирање на главните функционерски места, според аналитичарите, тогаш лесно може да се препознае сценариото.
„Ние ќе предложиме после оваа криза во која секако ќе влеземе, да направиме еден џентлменски договор на влада во Македонија по швајцарскиот модел. Ни одговара систем во кој ќе се ротираат главните функционерски места. Премиер во тој случај ќе може да биде и албанец“, изјави тогаш Фрчкоски.
Во тој период дел од медиумите во Македонија шпекулираа и со имињата на можните кандидати за премиерското место во една таква коалиција. Иако СДСМ тогаш се огради од ставовите на Фрчкоски, сепак како што сметаат аналитичарите, таа беше дадена од поранешен министер и кандидат за претседател на СДСМ.
Милчо Велески
