Филмски грабеж на дијаманти во Франција

11.03.2015 18:08

Според информациите во дел од француските медиуми, крадците се упатиле кон Париз, со четири автомобили со моќни мотори, кои подоцна жандармите ги пронашле запалени, а во пламен се пронајдени и украдените комбиња...

Грабеж како на филм. Група од 15 вооружени крадци на автопатот А6 што ги поврзува Париз и Лион пресретнале конвој возила кои превезувале скапоцени предмети, дијаманти, накит, уметнички дела, ги исфрлиле возачите од возилата и заминале во непознат правец.

Според информациите во дел од француските медиуми, крадците се упатиле кон  Париз, со четири автомобили со моќни мотори, кои подоцна жандармите ги пронашле запалени, а во пламен се пронајдени и украдените комбиња.  

Во инцидентот нема повредени, ниту пак било користено огнено оружје. Возачите кои имале задача да ги пренесат скапоценостите  избезумени ја дочекале полицијата покрај патот.

По крадците кои го однесоа со себе вредниот плен, се уште се трага. Се пребарува регионот Јон во Бургундија. Целата област е блокирана. Полицијата испрати и поддршка од воздух.

Во Франција во последниве години се случија неколку грабежи на скапоцен накит. Имаше три драматични напади во јужниот дел, вклучувајќи го и оној во хотелот Карлтон во Кан за кој се веруваше дека е дело на бандата Пинк Пантер, именувана по познатиот филм.

 

Маријана Димовска