Ракомет

Дејан Манасков во Вардар

11.03.2015 21:07

Репрезентативецот на Македонија и екс лево крило на Металург, потпиша тригодишен договор со црвено-црните, а на располагање на тренерот Раул Гонзалес ќе му биде веднаш по завршувањето на сезоната во Германија...

Веќе нема дилема. Дејан Манасков е ново засилување за македонскиот ракометен вицепрвак Вардар.

Репрезентативецот на Македонија и екс лево крило на Металург,потпиша тригодишен договор со црвено-црните, а на располагање на тренерот Раул Гонзалес ќе му биде веднаш по завршувањето на сезоната во Германија.

Извршниот директор на Вардар, Давор Стојановски, денеска ја потврди информацијата на официјалната интеренет страница на клубот. Манасков по одличните игри во Вецлар го привлече вниманието на силните германски екипи кои ќе мора да се помират со фактот дека крилниот ракометар се враќа во Македонија во дресот на Вардар.

„Ќе чекорам по стапките на мојот татко и повторно во дресот со број 11. Назад во мојата Македонија, со големи очекувања и амбиции“, напиша на својот „фанпејџ“ на Фејсбук, веднаш по трансферот, постариот син на легендарниот Пепи Мансков, кој пред 9 години ја заврши кариерата во Вардар, а во моментов работи со јуниорите на нашиот најтрофеен клуб.