Застрелани двајца полицајци во Фергусон

12.03.2015 10:07

Полицајците биле застрелани пред полициска станица во Фергусон, каде се одржа протестот. Детали за нивната состојба се уште не се соопштени...

Двајца полицајци се застрелани пред полициската станица во Фергусон, градот кој е во фокусот на антирасистичките протести. Непознат напаѓач отворил оган за време на протест против полициската бруталност. Толпата штотуку почнала да се растура по кус судир со полицијата кога одекнале истрелите. Очевидци раскажуваат дека едниот полицаец паднал, а другиот го влечел да го засолне оставајќи крвава трага. Двајцата се третираат за сериозни повреди, во рамото и во лицето, но се во свесна состојба.

„Се подготвувавме да заминеме, ги пакувавме камерите кога слушнавме пукање. Беа истрели, го видовме пиштолот. Сите легнавме на земја и тогаш видовме дека е застрелан полицаец“, изјави Бредли Рејфорд, очевидец.

Пред станицата помала група демонстранти барала оставка од повеќе одговорни лица и поодлучна акција по федералниот извештај за злоупотреба на полицијата. Пукањето се случи само неколку часа откако полицискиот шеф во Фергусон ја најави својата оставка. Локалната власт беше обвинувана дека го водела градот како профитабилен бизнис, а полицијата ги кршела граѓанските права и таргетирање на афроамериканското население со казни и со глоби.

„Го предизвикувам секој што тврди дека бил малтретиран. Расното профилирање не само што е забрането, туку и незаконско“, рече Том Џексон, шеф на полициската станица во Фергусон.

Шефот на полицијата Џексон е шестиот што си дал оставка или бил отпуштен по убиството на невооружениот афроамерикански тинејџер Мајкл Браун и начинот на кој полицијата се справуваше со протестите што уследија. Незадоволството го зголеми одлуката на поротата дека полицаецот Дарен Вилсон не го прекршил законот кога го застрелал Браун. Расното профилирање во овој и уште неколку слични случаи од истиот период предизвика масовни протести што се прелеаја надвор од САД.

Ивана Салтировска