Ќе се реконструира градскиот стадион во Тетово

12.03.2015 10:36

Со инвестиција од околу 800 илјади евра најавено е дека ќе се реновира градскиот стадион во Тетово. Општината веќе го објави повикот за физибилити студиоја, а Фудбалската федерација на Македонија го потпиша договорот со локалните власти…

Обнова на теренот на градскиот стадион и поставување рефлектори предвидува договорот што го потпишаа Фудбалската федерација на Македонија и општина Тетово. Со ова се отвора можноста по 30 години да се реконструира овој спортски објект.

Советот на општината веќе го објави повикот за изработка на физибилити студиа за јавно приватно партнерство.

„Тетово е фудбалски град со три прволигаши и дефинитивно заслужува добар стадион. Ова е една голема цел на администрацијата на општина Тетово“, изјави Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.

После Битола ова е втора општина со која ФФМ потпишува договор за реновирање стадион.

„Комплетна реконструкција на теренот со систем за иригација и дренажен систем по сите УЕФА критериуми. Исто така и осветлување за играње ноќни натпревари“, најавува Илчо Ѓорѓиоски, претседател на ФФМ.

Работите ќе се одвиваат од крајот на март до јуни. За поставување на рефлекторите и обновата на теренот предвидено е да се потрошат од 700 до 850 илјади евра, во зависност од проектот што ќе го понуди општина Тетово. Обврска на општината е да изврши замена на старите седишта и да покрие една од трибините.

 

Зоран Јованоски