Ескалира расното незадоволство во САД

12.03.2015 14:56

Одекнале три истрели, а целта била полицијата. За време на протест против полициската бруталност ранети се двајца припадници на силите на редот, во рамото и во лицето, третирани за тешки повреди...

Аматерски видео снимки на интернет се обидуваат да фрлат светлина врз најновото пукање во Фергусон, градот во фокусот на антирасистичките протести. Одекнале три истрели, а целта била полицијата. За време на протест против полициската бруталност ранети се двајца припадници на силите на редот, во рамото и во лицето, третирани за тешки повреди.

„Полицајците само стоеја таму и беа застрелани бидејќи беа полицајци. Во тек е истрага“, изјави Џон Белмар, полиција на Сент Луис.

Напаѓачот е се уште непознат. Очевидците го виделе само оружјето. Пукал за време на протест против полициската бруталност, но не од групата демонстранти, туку од другиот крај на улицата.

„Се подготвувавме да заминеме, ги пакувавме камерите кога слушнавме пукање. Беа истрели, го видовме пиштолот. Сите легнавме на земја и тогаш видовме дека е застрелан полицаец“, вели Бредли Рејфорд, очевидец.

Пукањето се случило само неколку часа откако полицискиот шеф во Фергусон ја најави својата оставка, во момент кога демонстрантите се разидувале по кус судир со полицијата. Локалната власт беше обвинувана дека го водела градот како профитабилен бизнис, а полицијата ги кршела граѓанските права и таргетирање на афроамериканското население со казни и со глоби.

„Го предизвикувам секој што тврди дека бил малтретиран. Расното профилирање не само што е забрането, туку и незаконско“, рече Том Џексон, шеф на полициската станица во Фергусон.

Оставката на шефот на полицијата на Фергусон е шеста по убиството на невооружениот афроамерикански тинејџер Мајкл Браун и начинот на кој полицијата се справуваше со протестите што следеа.

Незадоволството го зголеми одлуката на поротата дека полицаецот Дарен Вилсон не го прекршил законот кога го застрелал Браун. Расното профилирање во овој и уште неколку слични случаи од истиот период предизвика масовни протести што се прелеаја надвор од САД.

 

Ивана Салтировска