„Вујко Вања“ на Чехов премиерно во МНТ

12.03.2015 14:58

Немоќта на обичниот човек да си го промени животот, неговата затвореност и нереалноста, како што се ликовите од провинцијата за која пишувал Чехов, биле основна преокупација на режисерката Бузалковска во подготовката на текстот...

Доајенот на македонското глумиште Љупка Џундева в недела ја очекува премиера на антологиската „Вујко Вања“ во Македонскиот народен театар. Џундева играла и во стариот Скопски театар, но тогаш како што рече била премлада за да добие улога на големиот Чехов. Последен пат играше во претставата „Опасни врски“ пред десетина години. Среќна е што на нејзина возраст режисерката Зоја Бузалковска ја повикала да учествува во „Вујко Вања“.

„Сакам да го работам Чехов, нормално и пред тоа играв во две негови Пиеси, и не само јас, нема актер кој не сака да учествува во Чеховите драми, а и плус тоа сакам да бидам дел од оваа прекрасна екипа“, вели актерката Љупка Џундева.

Немоќта на обичниот човек да си го промени животот, неговата затвореност и нереалноста, како што се ликовите од провинцијата за која пишувал Чехов, биле основна преокупација на режисерката Бузалковска во подготовката на текстот.

„За Вујко Вања мечтаам можеби од почетокот на занимавањето со театар и тоа е текст на кој му дојде времето. Пресреќна сум што тоа можеме да го направиме на оваа нова сцена, со нејзините можности и пред се што го направивме со една ваква екипа“, изјави режисерката Зоја Бузалковска.

Владо Јовановски кој ја игра главната роља вели - генијалноста на Чехов е што тој само навидум пишува едноставно. Но ниту една реплика, па ни запирка не е случајна.И кога ќе се навлезе во неговите реплики, човек се соочува со неговото незнаење и со голема одговорност.

 

Алексаднра Перевска