Светски ден на бубрегот- вложени големи напори за унапредување на квалитетот на дијализата

12.03.2015 15:12

Под мотото „Бубрежно здравје за сите“ одбележана 10-годишнината од светскиот ден на бубрегот - 12 март. Според статистиката, десет проценти од населението во светот имаат некоја форма на оштетување на бубрезите. Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека во изинатиот период се вложени големи напори за унапредување на квалитетот на дијализата...

Десет проценти од популацијата во светот имаат оштетување на бубрезите. Прогнозите се дека хроничната бубрежна болест ќе се зголеми за 17 проценти. 26 милиони луѓе се лекуваат со дијализа или трансплатација. Но, 2, 3 милиони луѓе умираат поради немањето пристап до здравственото згрижување.

„За жал само 10% од останатитот неразвиен свет има можност да се лекува со овие високо комплексни технички и скапи процедури“, изјави  д-р Љубинко Трпеноски, Нефрон – здружение за за бубрежно болни.

Превенцијата е најбитна. Во Македонија здравствените власти со години апелираат до одредени групи на пример, со зголемен крвен притисок или со дијабетес, да прават прегледи бидејќи спаѓаат во групата ризични.

„Сите оние што имаат покачен крвен притисок, особено ако не е добро регулиран повеќе години, треба да мислат на тоа дека се потенцијални кандидати за хронично бубежно оштетување“, нагласи проф. д-р Оливера Стојчева, нефролог.

Во земјава беа изградени нови простории за дијализа и целосно реконстрирани  постојните. Обезбедена e современа апаратура, а беа отворени нефролошки пунктови со специјализиран кадар низ целата територија на државата.

„Според извештајот на интернационалниот регистар за донирање на органи, Македонија се врбојува меѓу првите 10 земји со најразвиена трансплантација од жив донор. Само во последните три години се извршени 103 трансплантации“, изјави минисерот за здравство, Никола Тодоров.

Во изминатите години беа набавени 365 најсовремени апарати за хемодијализа, со што капацитетот на дијализните центри се зголеми за 25%. Со инвестирањето во нова опрема, вели ресорниот министер Тодоров, значително беа унапредени третманот и грижата за овие пациенти.

 

Фиљана Кока