Грците ќе запленуваат германски имот како компензација за воени репарации?
Откако Берлин одби да разговара за воените репарации нагласувајќи дека прашањето било решено уште во 1990 година, грчките власти се заканија дека ќе запленуваат германски имот како компензација за нацистичките злосторства во Втората светска војна...

Заострува реториката во комуникацијата меѓу јужниот сосед и Европската Унија. Наспроти грчкиот долг, односот дополнително го компликуваат санкциите кон Русија, барањето за репарации од Германија и заканата дека Грција ќе ги отвори своите граници за нелегалните мигранти.
Откако Берлин одби да разговара за воените репарации нагласувајќи дека прашањето било решено уште во 1990 година, грчките власти се заканија дека ќе запленуваат германски имот како компензација за нацистичките злосторства во Втората светска војна. Грчкиот министер за правда изрази подготвеност да даде согласност за судската одлука од 2000-та година, според која што треба да бидат исплатени 28 милиони евра на семејствата на 218 жртви масакрирани во 1944-та година.
„Нема да разговараме ниту да преговараме со грчката страна за оваа тема. Мораме заедно да гледаме кон иднината. Имаме тешки проблеми што треба заедно да ги решаваме“, изјави Мартин Јегер, портпарол на германското министерство за финансии.
Наспроти барањата за воени репарации, Грците бараат и компензација за штетите што грчката економија ги претрпува поради санкциите кон Русија.
„Има НАТО земји како Турција кои што ги запоседнуваат пазарите во Москва, кои што грчката земјоделска индустрија ги напушти. Мора да кажам дека во ред, убаво е да се зборува за санкции, но нашата земја е во економска криза“, вели Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Грција.
Во меѓувреме продолжуваат разговорите со меѓународните кредитори како во Брисел, така и во Атина, а техничкиот договор се очекува да биде постигнат до Велигден.
Грција се закани дека ако не се повлечат наметнатите барања и земјата биде оставена во криза, тие ќе ослободат милионски број на нелегални мигранти, меѓу нив и џихадисти, давајќи им документи со кои што слободно ќе патуваат во Шенген зоната. Ако тие и зададат удар на Грција, мигрантите ќе добијат документи да одат во Берлин, порача грчкиот министер за одбрана Панос Каменос.
Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина
