Груевски: Влада се формира на избори, не на барање на Заев
Премиерот Груевски со коментар: Заев со креирани материјали се обидува да ги убеди граѓаните дека не гласале по сопствена волја. Порача- Влада се формира на избори, а не не барање на Заев...

Зоран Заев ги тера истите работи и сака да не убеди дека ако сме среде пустина пред нас има планина иако никој не ја гледа- ги коментира премиерот Груевски потезите на лидерот на СДСМ и објавувањето на креирани материјали.
„Сите ние учествувавме во изборите и граѓаните учествуваа и добро знаат дали имаше или немаше притисоци, закани, или било што друго. Одеднаш се појавува сега Заев со разни креирани маеријали со кои што сите граѓани, не само нас, сите граѓани сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале, без било какви притисоци, закани или нешто слично што е незаконски, туку дека гласале со притисоци и со закани“, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
Груевски го коментира и барањето на Заев за оставка на актуелната и формирање преодна влада која би подготвила нови избори. Граѓаните одлучуваат кој ќе биде во владата, констатираше премиерот.
„Неговото главно барање беше формирање на т.н преодна влада, нешто во форма на широка коалиција и давање оставка на Владата, на мене, на министрите и.т.н. за тоа кој ќе биде во Владата, а кој нема да биде одлучуваат граѓаните на Република Македонија на избори. Граѓаните тие кои ја дават оценката, гласот и довербата за политичка партија, кој ќе биде премиер итн, а не господинот Зоран Заев“, потенцира премиерот Груевски.
Подготвени сме на принципиелен дијалог со опозицијата, за нешто што има основа, но не може да се преговара за тоа кој ќе ја има довербата на граѓаните – заклучува премиерот Никола Груевски.
Миле А. Ристески
