Мурињо призна пораз! ПСЖ е голем тим
„Кога тим не може да одбрани два корнера, не заслужува да победи“, дециден беше португалскиот стратег, изненаден што неговите фудбалери не го издржале притисокот на играње со човек повеќе и на домашен терен!

„Не е време за плачење, не е ниту за смеење“. Зборовите на Жозе Мурињо се првиот чекор за враќање на Челзи во живот по синоќешниот нокаут во Лондон. Пари Сен Жермен влезе во четвртфиналето на Лигата на шампионите, а според играчкиот квалитет тоа не е сензација. Но фудбалската вечер на „Стемфорд Бриџ“ имаше драматуршки аспект и ќе се памети. Челзи водеше двапати, беше на неколку минути од целта, имаше човек повеќе во 90 минути од реваншот и не успеа. Како да не знаеше да нападне, да го зададе решавачкиот удар, како првпат Мурињо да не успеа да ја пренесе идејата до фудбалерите. Конечните 2-2 по продолжувањата го елиминираа англискиот состав.
„Кога тим не може да одбрани два корнера, не заслужува да победи“, дециден беше португалскиот стратег, изненаден што неговите фудбалери не го издржале притисокот на играње со човек повеќе и на домашен терен! Звучи чудно, но факт е дека Пари Сен Жермен имаше појасна стратегија. Кога не можеше да притисне се повлекуваше и чекаше. Верати, Пасторе и Мота ја контролираа средината, Кавани претрча маратон. Давуид Луиз и Тјага Силва го направија тоа што се бараше од нив. Погодија со глава, искористија прекин.
Универзумот му врати на Челзи за подарокот од загубениот судија Кујперс. „Не видов, но зборував со Ибра по мечот. Тој е секогаш искрен со мене и ми рече дека нема причина за црвениот картон. Му верувам и се надевам дека УЕФА ќе му дозволи да игра во четврфиналето“, рече Мурињо. Кујперс згреши, но не им пресуди на парижаните. Тие конечно покажаа вистинска моќ во елитната конкуренција. „Сакам да бидеме еден од најголемите клубови во Европа. Со почит кон клупската историја, но овој натпревар ќе биде референтна точка“, изјави пресреќниот Лоран Блан. Насмевката не се тргаше ниту од лицето на Давид Луиз. Мурињо не го сакаше во Челзи, летоска му се заблагодари на услугите, па синоќа Бразилецот доживеа катарза. ПСЖ го мина Челзи со гол на гости, а еден од нив, првиот за француската екипа на шестото гостување во Англија го даде токму тој.
Вториот јунак беше Тјаго Силва. Само магичната топка може да крене од дното до врвот за само неколку минути. Од трагичар по направениот пенал за противникот, Тјаго Силва стана фудбалски бог. Му пресуди на Челзи кој имапше се, а не заврши со ништо. „Ќе се видиме утре во еден. Пред нас е недела“, Мурињо ги испратил своите играчи во немирна ноќ каква што несомнено минале и фудбалерите на Шахтјор. Баерн е во четврфиналето со вкупни 7-0 во двомечот. Сите голови паднаа на „Алијанц“, па изјавата на тренерот Мирчеа Луческу е доволно илустративна за настаните на тревата. „Нема што да се каже по 7-0“!
