Жерновски објави нови аудио-разговори

12.03.2015 16:52

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, излезот од политичката криза го гледа во назначување на, како што вели, независен јавен обвинител. Денеска објави нови аудиоразговори што се однесуваат на изборите во Центар...

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски објави десетина прислушувани разговори на поранешни и актуелни функционери. Во нив според него биле содржани докази за нелегални активности, за време на локалните избори во 2013-та година.

„Не гледаме назад кога ги слушаме овие снимки, да тие не враќаат во моментите коишто поминаа, меѓутоа не гледаме назад, гледаме напред, затоа што овие снимки, оваа решителност што ја покажаа граѓаните, не носи во едни времиња коишто наскоро ќе дојдат, кога ќе се организираат нови избори. Пораката е јасна- со одлучна, со цврста битка, ниту една влада не може да ги победи граѓаните“, изјави Жерновски.

Претходно, Жерновски имаше средба со американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли. По неа рече дека излезот од политичката криза го гледа во именување на нов и независен јавен обвинител, кој би имал поддршка од сите политички партии.