Струшкиот градоначалник и консеционерите на плажите ги „вкрстија копјата“

12.03.2015 17:01

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села достави известување до концесионерите за отстранување на опремата и враќање во првобитната положба на плажите, иако договорот за концесија е со важност до октомври годинава. Концесионерите најавија обжалување на одлуката на Села...

Струшкиот градоначалник Зијадин Села продолжува со непочитувањето на Законот за издавање под закуп на струшките плажи, договори кои важат 5 години, а нивната важност се уште не е истечена. Концесионери од страна на општината добија и известување за отсранување на сите објекти на самите плажи и враќање во првобитната состојба што е спротивно на законот, но и договорите кои концесионерите ги имаат потпишано со општина Струга.
 
„Во целост ги исполнивме обврските по договорот и веќе во изминативе 6-7 месеци ние ја стопанисуваме, ја користиме плажата. Тие 6-7 месеци од таа последната, од петтата година од договорот и сметаме дека нема законски пречки да ние не ја истуркаме до крај таа петта година онака како што е предвидено во договорот, онака како што сме прифатиле двете договорни странки, општина Струга и Женска плажа“, вели концесионерот Боро Симјаноски.
 
Струшкиот градоначалник стои на ставот дека тие треба да се рушат притоа игнорирајќи го датумот кој се уште не е истечен. Договорот на општината и концесионерите е до октомври 2015-та година.
 
„Концесиите завршија, Закононт за концесии е многу јасен, плажите се даваат не повеќе од 5 години, од друга страна, концесионерите си имаат договор и треба да постапат по договорот, треба да ги рушат и да ги вратат во првобитна состојба и ако не се случи тоа, ние ќе ги рушиме“, рече Села.
 
Концесионерите битката ќе ја водат пред повисоките органи и институции за пеглање на разликите и погрешното толкување на законот од страна на првиот човек на општината.
 
„Ние сме принудени да побараме помош како од судските органи, ќе мораме да побараме помош од надлежното Министерство, Владата на РМ, затоа што ова не е некоја ситници, се работи за многу сериозни инвестиции“, вели Симјаноски.
 
Плажите во Струга работат веќе петта година според договорите и условите кои беа предвидени според закон од страна на Министерството за транспорт и врски и општина Струга и нема никакви отстапувања и нерегуларнонсти околу нивната примена.
 
 
Јованчо Наумоски