Невработеноста на најниско ниво
Стапката на невработеност во последниот квартал од минатата година се спушти на 27,6 проценти. Државниот завод за статистика ги објави новите податоци. За три месеци бројот на вработени се зголемил за 5 илјади...

Државната статистика го потврди она што експертите веќе го најавија. Расте бројот на вработени во земјава. Само во последното тромесечје биле вработени 5.081 лице, односно за дури 45% повеќе отколку во претходниот квартал. Со тоа стапката на невработеност е намалена за 0,3 процентни поени и сега изнесува 27,6%.
За премиерот Никола Груевски овој податок е потврда на добрите економски политики, ангажманот на министрите за странски инвестиции, промоторите, но и резултат на ниските даноци, намалените бирократски процедури и забрзаните постапки.
„Намалувањето практично е континуитет веќе подолг период. Неколку години, секој квартал, секои три месеци, имаме одредено намалување на невработеноста и трендот е јасен дека невработеноста не инцидентно, туку континуирано се намалува. Намалувањето е резултат на сите политики што ги направивме досега, сите чекори како Влада и како држава, пред се во делот на креирање добра бизнис клима за компаниите, односно и домашните и странските компании, да сакаат да инвестираат. Второ, давање на соодветна понуда на компаниите однадвор, во смисла на правање на роуд шоуа, пристап до големите компании, до нивните претседатели, ангажман на министрите без ресор кои се задолжени за привлекување на инвестиции“, изјави премиерот Никола Груевски.
Експертската јавност коментира дека расте бројот на вработени во странските фирми кои се повеќе бараат познавања од областа на информатичките технологии, машинството, но вршат и обуки и едуцирање на кадарот што го вработуваат.
„Гледаме дека капиталот се лоцира онаму каде што има највисоко ниво на оплодување. Локациите на овие зони по општините, по малите места е всушност сигнал дека капиталот го наоѓа својот интерес токму во такви погодни места каде добива поврзување, суровински извор, квалификувана работна сила. Сето тоа влијае на пазарот на труд. Луѓето кои ќе добијат некаква шанса да се вработат во некоја странска инвестиција, и тоа како се подготвени да се едуцираат во насока на градење на таков профил“, смета универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Експертите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот во помалите општини, за да биде поблиску до изворите на суровини што влијае и на пазарот на труд. Ќе се бараат се повеќе стручни обучени работници, особено за вработување во новите слободни економски зони во внатрешноста на земјава.
Според најавите бројот на вработени во зоните до крајот на 2015-та ќе достигне 16 илјади, а стапката на вработување би требало да го задржи сегашното темпо.
За потсетување, лани во земјава биле вработени вкупно 10.567 лица, а бројката на вработени достигна 696.046 лица.
Свето Николовски
