МРТ станува дел од понудата на бугарските кабелски оператори

12.03.2015 17:27

Во Софија, Националниот јавен сервис потпиша договор со Бугарската агенција за кабелски и комуникациски оператори за реемитување на програмата...

За неколку денови Македонската радио телевизија ќе почне да зрачи во бугарскиот етер. Потпишан е договор за бесплатно емитување и право за реемитување, што дополнително ќе внесе позитивна клима во односите меѓу двете земји.

„Ние имаме прекрасна соработка со Бугарската национална телевизија и сето ова што денеска ќе го потпишеме е круна на досегашното долгогодишно искуство и соработка која што ја имаме со нашата партнерска телевизија во Република Бугарија“, изјави директорот на МРТ, Маријан Цветковски.

Двете национални телевизии со ваквиот договор уште еднаш покажуваат дека се чекор напред во однос на јакнењето на релациите меѓу двата народа.

„Нашите членови со задоволство ја прифатија идејата за дистрибуција на програмата на Македонската радио телевизија во Бугарија за да се постигне уште подобра и поквалитетна соработка“, изјави Димитар Радев, претседател на Бугарската асоцијација за кабелски и комуникациски оператори.

Ова е резултат на претходно потпишаниот  договор меѓу Македонската радио телевизија и Бугарската национална телевизија, со кој беше дефинирана можноста двете телевизии да можат да ги емитуваат своите програми бесплатно преку кабелските оператори. Македонските гледачи програмата на Бугарската национална телевизија ја следат од декември минатата година.

 

Андријана Атанасовска