Фудбал – УЕФА Европа лига

Ефикасни дуели за интересни реванши!

13.03.2015 00:35

Во осумте меча беа постигнати 23 гола или 2,8 по натпревар во просек...

Квалитетни и ефикасни натпревари за интересни реванши во осминафиналето на УЕФА Европа лигата. Во осумте меча беа постигнати 23 гола или 2,8 по натпревар во просек. 
Тројниот освојувач Севилја демонстрираше моќ на „Ел Мадригал“ и го совлада Вилјареал со 3:1. Витоло по 13,21 секунда го постигна најбрзиот гол во историјата на ова натпреварување и ја најави победата на гостите. На 2:0 зголеми Мбиа, Вието намали на 2:1, но големата предност на актуелниот шампион му ја обезбеди Гамеиро. 
 
Со ист резултат, 3:1 славеше и Наполи, но дома против Динамо. Иако Русите поведоа со голот на Курањи уште во втората минута, Игуаин со хет - трик им го олесни патувањето на Италијанците во Москва.
 
Идентичен триумф и на Волфсбург, дома против Интер, 3:1. На голот на Паласио, Германците одговорија преку Налдо и двојниот стрелец, Де Бруин. И Киевјани први постигнаа гол на „Гудисон парк“, преку Гусев, но Евертон беше подобар од Динамо со 2:1, откако гостинската мрежа ја тресеа Нејсмит и Лукаку од пенал. 
 
Исто сценарио и во Белгија, Бешикташ имаше почетни 1:0 со погодокот на Торе, но Бриж се радуваше со 2:1, благодарение на Де Сутер и реализираниот удар од 11 метри на Рефаелов. 
Во италијанската пресметка немаше победник, Фиорентина – Рома 1:1. Стрелци на головите беа Иличиќ за домаќините и Кеита за гостите, откако Љаиќ промаши пенал за римјаните.
Дњипро беше подобар од Ајакс за еден гол, оној на Зозуља за 1:0. Фудбалерите на Зенит пак, следниот четврток во Торино ќе патуваат со 2:0 поради погодоците на Витсел и на Кришито.