Претседателот Иванов учествува на форумот Кран Монтана во Мароко

13.03.2015 09:02

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на официјалната сесија на отворањето на Форумот Кран Монтана, што се одржува во градот Дакла. Главни теми на собирот се унапредувањето на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа, политиката на соработка на Мароко...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Мароко, по повод учеството на Форумот Кран Монтана, придружуван од Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески.

Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на официјалната сесија на отворањето на Форумот Кран Монтана, што се одржува во градот Дакла. Главни теми на собирот се унапредувањето на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа, политиката на соработка на Мароко, како и неопходноста од подобрување на климата за странски инвестиции и обезбедување на сигурни индустриски и финансиски партнери.

Во делегацијата се и претставници на десетина компании, членови на Стопанската комора на Македонија, на Сојузот на стопански комори на Македонија и на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Предвидено е, на иницијатива на претседателот Иванов, да се одржи презентација на инвестициските можности што ги нуди Република Македонија, како и средба на претставници на македонските стопански комори со претставници на марокански стопански комори, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.

Во рамки на работната посета на Кралството Мароко и учеството на Форумот Кран Монтана, сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, ќе се обрати на специјална сесија на Форумот на Африкански жени, чиј фокус годинава е имплементирање на родова еднаквост, жените во јавниот живот и во приватниот сектор и подобрување на образовниот систем за девојките.

Форумот Кран Монтана е основан во 1986 година со цел да обезбеди широка меѓународна соработка и поврзување на економските чинители на светско ниво, како и да придонесе кон глобалниот економски раст, воедно обезбедувајќи стабилност, еднаквост и безбедност.