Меѓународна конференција посветена на праисторијата

13.03.2015 08:40

Учество на конференцијата пријавиле над 100 археолози од 20 земји од светот...

„Населби, култура и динамика на популациите во Балканската праисторија“ е тема на меѓународна археолошка конференција посветена на праисторијата што денеска и утре ќе се одржи во Скопје во организација на ХАЕМУС-Центарот за научни истражувања и промоција на културатa. Конференција вклучува презентации од археолози, изложба со постери во Музеј на град Скопје.

Учество на конференцијата пријавиле над 100 археолози од 20 земји од светот, меѓу кои од Хрватскиот конзерваторски центар од Загреб, Археолошкиот институт од Загреб, Археолошкиот институт (САНУ - Белград), Археолошкиот институт при Бугарската Академија на науките - Софија, Универзитет колеџ од Лондон, неколку музеи од Романија.

Целта на конференцијата е подигнување на рејтингот и угледот на археологијата во Република Македонија како наука. Покрај научен има и промотивен карактер и се прави во соработка и со поддршка на врвни археолози од Европа. Конференцијата ќе им овозможи на домашните истражувачи контакти со престижни институции кои би резултирале со соработка и идни проекти во полето на археологијата.