Консултации САД- ЕУ: Светската безбедност на тест!

13.03.2015 12:54

Светската безбедност е ставена во прашање, изјави шефот на германската дипломатија Франк- Валтер Штајнмајер во Вашингтон. НАТО ќе мора да биде подготвен за интервенции на повеќе места, оцени и британскиот секретар за одбрана Мајкл Фалон. Претставниците на британската и германската влада имаа консултации со своите американски колеги во последниве два дена...

Живееме во многу нестабилен свет и потребно е заедно како партнери и сојузници да се справиме со предизвиците, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во Вашингтон. Според него, најголема закана  за меѓународниот ред  е менувањето на границите во Украина и опасноста од Исламската држава на Блискиот Исток.

„Руското анектирање на Крим и сепаратистите во Источна Украина поддржувани воено од Русија се опасна ескалација, што ја доведува во прашање европската безбедносна архитектура, мирниот поредок врз основа на меѓународното право, мултитералните институции и мировните механизми за разрешување на конфликти, како и суверенитетот на државите“, изјави Франк-Валтер Штајнмајер, министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

НАТО мора да биде подготвен да интервенира на повеќе места истовремено, оцени британскиот секретар за одбрана Мајкл Фалон.

„На Блискиот Исток гледаме дека ИДИЛ сака да формира Калифат по големина колку Обединетото Кралство, ширејќи се преку границите на Сирија и Ирак. Во Африка е Боко Харам која предизвикува нестабилност во Нигерија и во соседните Камерун , Нигер и ЧАД. Ова се нови форми на фашизам на нашето време, преку изобличување на Исламот во Африка и на Блискиот Исток, како и менувањето на границите во Источна Европа“, вели Мајкл Фалон, секретар за одбрана на Обединетото Кралство.

Америка и Европа не се согласуваат дека испраќањето на оружје на украинската армија е решение за конфликтот во Украина, ниту пак дека ќе биде загрозена безбедноста со постигнувањето на договор со Иран за нуклеарната програма. САД се уште инсистираат сојузниците да имаат воен буџет од 2% за да НАТО биде подготвен за нови операции.

САД и европските сојузници се уште се на ставот дека само со партнерство ќе можат да се справат со кризите во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ