На третиот конкурс за креативни индустрии прифатени 45 проекти

13.03.2015 14:57

Во изминатите три години, Министерството за култура реализираше и низа тематски работилници. На европските земји беше претставена работата на нашите креативци...

Со речиси пет и пол милиони денари ќе се финансираат 45-те проекти прифатени од Министерството за култура на третиот конкурс за креативни индустрии.

Митко Занов од Валандово добил поддршка за модната колекциа „Голата мугра“. Бил инспириран од англосаксонската благородничка Лејди Годива. Во неговите модни производи доминираат бои на самракот и на муграта.

„Оваа модна колеција ветува нов животен стил и нов начин на размислување“, вели дизајнерот Занов.

Занаетчиската комора, трета година по ред добива поддршка за обукатa за дизајн и производство на накит.

„Сакавме луѓето што се занимаваат со рачна изработка на накит да ги обучиме со една современа техника и технологија“, изјави Снежана Денковска, Занаетчиска комора на Македонија.

Во изминатите три години, Министерството за култура реализираше и низа тематски работилници. На европските земји беше претставена работата на нашите креативци.

„Младите и иновативни дизајнери имаа можност да соработуваат со врвни експерти кои ја поттикнаа нивната креативност и успешно ги насочија кон создавање на недекојдневни уникатни примероци“, рече министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Полека, но сигурно креативните индустрии станаа одличен медиум за промоција на знаењето. Преку нив се создаваат услови за размена и вреднување на културните добра, а ќе го поттикнат и економскиот развој- рече министерката Канческа- Милевска.

 

Александра Перевска