Ефектите од странските експерти во домашните компании се повеќе од ветувачки

13.03.2015 15:23

Како што информира претседателот на Владата Никола Груевски, пред неколку дена е објавен втор повик за македонските компании кои сакаат да ангажираат странски експерти. Рокот за пријавување е до 24 април...

Претставници на компании, но и претставници на стопанските комори присуствуваа денеска на презентацијата на која беа претставени резултатите од проектот за странска експертска помош во домашните компании. Оценката е дека подобрувањето на експертизата и на деловните перформанси, помогнаа во зголемување на продуктивноста на компаниите.

Анализата покажала дека речиси 45% од компаниите го подобриле процесот на работење. 87% од компаниите го прошириле бизнисот со што најавиле и отворање на нови работни места, додека 86% се изјасниле за повтоно ангажирање на експертска помош.

„За успешна реализација на овој проект воспоставивме контакт и соработка со неколку организации од Германија, Холандија, Швајцарија и Австрија, кои нудат ваков вид на услуги. Проектот за прв пат започна изминатата, 2014-та година, кога на јавнит повик се јавија 98 компании“, изјави премиерот Никола Груевски.

Во тек е вториот повик за ангажирање странска експертска помош. Услов е компанијата да постои најмалку две години, да има од 5 до 250 вработени и најмалку 51 процент домашен капитал.

„Ефектите од проектот се оценети како доста позитивни, односно компаниите потенцираа дека странските експерти им помогнале во однос на подобрување на производниот или услужниот процес“, истакна Билјана Пеева од Стопанската комора на Македонија.

„Искуствата на компаниите членови на Сојузот на стопански комори од ангажирањето на странски експерти се позитивни, а резултатот е потврден“, нагласи извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов.

Во првиот повик имаше интерес од вкупно 98 компании во 20 градови. Најголем интерес имало во ИТ секторот, прехрамбената, преработувачката индустрија, финансиите.