34 години успешост на Единицата за специјални задачи во МВР

13.03.2015 16:32

Подготвени во секакви услови бескомпромисно да се фатат во костец и со најсложените предизвици, специјалците го ризикуваат животот, вели министерката Јанкулоска. Единицата има соодветно значење во безбедносниот систем, секогаш подготвени да се биде на врвот...

34 години успешни во извршувањето задачи, полициската единица „Тигри“ испишува респектабилни резултати. Подготвени во секакви услови бескомпромисно да се фатат во костец и со најсложените предизвици, специјалците го ризикуваат животот, вели министерката Јанкулоска. Единицата има соодветно значење во безбедносниот систем, секогаш подготвени да се биде на врвот, следејќи ги најновите техничко-технолошки стандарди- потенцира Јанкулоска.

„Министерството во континуитет посветува внимание во развојот и работата на ЕСЗ, поради одржување на највисоките европски и светски стандарди за функционирање ваков вид специјални полициски единици“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Ќе се осовременуваат опремата и вооружувањето, се планира и уредување на базата со неопходната инфрастуктура, како и нова систематизација.

„Чест е да се биде на чело на една ваква единица, со голема традиција, единица која минала низ многу премрежиња во нејзиното постоење. ЕСЗ во сите овие години се стреми да биде во текот со најелитните единици од ваков вид“, вели Славчо Петрушевски – командант на ЕСЗ при МВР.

И Тигрите беа на браникот на татковината во 2001-та кога земјата беше соочена со најголемата закана, рече министерката Јанкулоска, посочувајќи дека и на тогашниот судир во кој беа изгубени животи, му претходел обид за урнисување на државните институции. Пред 15 години исто така беше обелоденета аферата „Прислушување“.

„15 години подоцна Република Македонија е повторно соочена со обид за напад врз институциите. Повторно се соочуваме со обид да биде заложена иднината на Македонија за нечиј политички интерес. Се обидуваат да не убедат дека овој најсрамен криминален акт бил дело на некакви патриоти. Осомничени за шпионажа, незаконско прислушување и соработка со странски служби  не се и никогаш нема да бидат патриоти“, нагласи министерката Јанкулоска.

Тогаш аферата заврши без кривична одговорност, но сега Македонија е посилна и покажува дека има државен капацитет, рече Јанкулоска и дополни дека лажните патриоти сега се откриени, кривично гонети, а еден од нив веќе е и осуден.

 

Наташа Гркова- Петрушевска