ЕУ попушта пред Ципрас?!

13.03.2015 16:38

Грција го доби тоа што го бараше. Настапи со максималистички барања, а доби тоа што беше реалната прогноза на официјален Брисел. Денешната средба на грчкиот премиер, Алексис Ципрас со првите луѓе на Европската Комисија и Парламент го потврдија тоа...

Иако силно притиснати за имплементирање на ветените реформи, Грција го доби тоа што го бараше. Настапи со максималистички барања, а доби тоа што беше реалната прогноза  на официјален Брисел. Денешната средба на грчкиот премиер, Алексис Ципрас со првите луѓе на Европската Комисија и Парламент го потврдија тоа.

Не сум задоволен од напредокот на состојбата, но сакам да бидеме од корист- истакна претседателот на неформалната влада на Европа, Жан Клод Јункер.

Целосно го исклучувам неуспехот. Ова не е време за поделби“, нагласи Јункер.

Јас сум оптимист дека ќе најдеме решение за недоразбирањата и конфронтациите. Се фокусирамве на економско оправување и намалување на невработеноста на краток рок“, изјави Мартин Шулц.

На денешните средби Ципрас побарал брза исплата на дел од 7,2 милијарди евра, со цел да му влее доверба на грчкиот народ во добронамерноста на меѓународните кредитори, како и за сериозноста на новата влада.

Грција веќе започна да ги исполнува обврските од одлуката на Еврогрупата од 20-ти февруари, ние го исполнуваме нашиот дел и очекуваме нашите партнери да го исполнат својот дел“, изјави грчкиот премиер.

При тоа тој дал и ветување дека неговата влада ќе ги исплати долговите и доколку не го добие ветениот кредит за спас.

Како- само Ципрас знае, бидејќи до 2021 година Грција треба да враќа годишно по 6,5 милијарди, што ќе се зголемат на 11 од 2021, а од 2022 ќе достигнат речиси 25 милијарди евра, исто така годишна рата.

Оттаму и покрај одлуката на Еврогрупата за нов пакет помош, некои држави членки на Унијата се скептични во ваквите силни зборови на новиот грчки премиер. На прво место Германија и Австрија. Со 240 милијарди евра долг, не сметајќи ги каматите, и натаму постои ризикот од банкрот на земјата и секако излез од Еврозоната.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ