Капиталните проекти и странските инвестиции ја намалија невработеноста

13.03.2015 17:00

Надлежните очекуваат позитивниот тренд да продолжи и во идниот период. Економистите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот, во помалите општини ...

Инфраструктурните проекти што се спороведуваат преку капиталните инвестиции, се една од причините за намалување на невработеноста на 27,6 проценти, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија. Според нив, вработувањата не се само во градежништвото туку и во 20 други сектори кои учествуваат токму во овој сектор.

„Во континуитет 16 месеци имаме раст на индустриското производство. Тоа е дополнителен сигнал дека во иднина токму компаниите од индустријата ќе придонесат за дополнително зголемување на вработеноста во Македонија“, изјави Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.

Намалувањето на невработеноста се должи пред се на создавањето добра бизнис - клима за домашните компании, но и на давањето соодветна понуда за компаниите од надвор.

„Од сите тие странски инвестиции имаме обезбедено над 20 илјади нови работни места, отворени или во фаза на отворање. Скоро сите странски инвеститори многу брзо го зголемуваат бројот на вработените над најавеното“, вели Веле Самак, министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции.

Надлежните очекуваат позитивниот тренд да продолжи и во идниот период. Економистите очекуваат релоцирање на капиталот, особено странскиот, во помалите општини за да биде поблиску до изворите на суровини, што влијае и на пазарот на трудот. Според најавите, бројот на вработени во зоните до крајот на 2015-та ќе достигне 16 илјади.

 

Наташа Јанчиќ