„Веибо“ се подготвува за првите вработувања
Најголемата европска текстилна фабрика, турско- кинеска „Веибо груп“ ќе отвори 5.000 работни места, од кои 80% се наменети за кумановци. Инвеститорот кој гради фабрика во Ранковце, планира работниците да ги обучува и преквалификува во погонот во Крива Паланка. Во првиот конкурс, кој се очекува да биде објавен наскоро, ќе има побарувачка за околу 400 работни места...

Текстилна фабрика „Веибо груп“ која се гради на површина од 240.000 квадратни метри во Ранковце е најголемата инвестиција во државата и ќе се очекува да вработи 5.600 лица. Најголемиот дел од работниците ќе бидат кумановци, околу 3.500 граѓани ќе имаат можност во нарендите 5 години да најдат работа во текстилната гранка.
Инвеститорот претходно извршил анализа на пазарот на трудот, кој недостигот од работна сила ќе го решава со обука и преквалификација. Првиот оглас ќе биде отворен наскоро за 400 лица кои ќе бидат обучувани во погонот во Крива Паланка.
„Во Крива Паланка е земен погонот на Орка Спорт како тренинг центар, веќе се преземени 260 работници од таму и тие на некој начин ќе бидат обучувачи на новите кадри кои треба да се вработат во индустриската зона“, вели Милорад Тренчевски, директор на Центар за вработување-Куманово.
Турско-кинескиот гигант „Веибо Груп“ првично ќе вложи 180 милиони долари кои за 5 години треба да се искачат на 400 милиони. Погоните во Североисточна Македонија ќе шијат за познатите светски бреднови како што се Nike, Adidas и H&M.
Габриела Димковиќ
