Исланд ја повлече кандидатурата за членство во ЕУ

13.03.2015 17:38

Освен кусиот твит на премиерот дека „Интересите на Исланд ќе бидат подобро застапувани надвор од Европската унија“, од владата дојде уште коментар дека „Земјата сака да одржува блиски врски и соработка со Европа“...

Исланд реши да остане надвор на студот – ова е реакцијата што се слуша по одлуката на северната нација да ја повлече кандидатурата за членство во Европската унија. Само неколку часа по објавата, и покрај студот, десетици граѓани го изразија своето незадоволство пред парламентот. И опозицијата се разгневи поради едностраната одлука.

„Ова е смешно. Не знам кој мисли дека е министерот за надворешни, што мисли дека е владата. Ако мисли владата дека може да донесе одлука да ги прекине преговорите со ЕУ без да го праша парламентот, тоа е напад на парламентарната демократија“, вели Гудмундур Стејнгримсон, лидер на опозициската Светла Иднина.

Освен кусиот твит на премиерот дека „Интересите на Исланд ќе бидат подобро застапувани надвор од Европската унија“, од владата дојде уште коментар дека „Земјата сака да одржува блиски врски и соработка со Европа“.

Од Брисел реакција – вратата на Унијата останува отворена и соработката продолжува. Се смета дека несигурната врска меѓу островската земја и европскиот блок ја растурија квотите за риболов, кој е клучна стопанска гранка на Исланд, иако до сега не беа споменати во пристапните разговори.

Уште во 2013, без да даде причина, владата од десниот центар ги суспендираше пристапните преговори што во 2009 ги почна претходната влада од левиот центар, во екот на европската економската криза и крахот на исландскиот банкарски сектор.

Суспензијата на преговорите предизвика големи протести и барање на исландските граѓани прашањето да се реши со референдум. По банкарската криза, економијата на Исланд е значително подобрена, а БДП-то забележало рекорден раст од 1,9 проценти. Главниот проблем, иако не е невработеноста, е немањето доволно добро платени работни места.

 

Ивана Салтировска