Седуммина загинати при пад на српски воен хеликоптер кај Белград

14.03.2015 13:24

Како причина за несреќата се наведува густата магла, но и дека хеликоптерот МИ-17 останал без гориво поради долго кружење во обид да слета. За да му се помогне, биле вклучени рефлекторите на стадионите Партизан и Црвена Звезда...

Нема преживеани во хеликоптерската несреќа во близина на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Во обид да се префрли во болница бебе со респираторни проблеми загинаа сите седуммина во воениот хеликоптер – новороденчето старо само 5 дена, четворица членови на екипажот и двајца здравствени работници. На вонредна седница, српската влада го прогласи утрешниот ден за ден на жалост.

Како причина за несреќата се наведува густата магла, но и дека хеликоптерот МИ-17 останал без гориво поради долго кружење во обид да слета. За да му се помогне, биле вклучени рефлекторите на стадионите Партизан и Црвена Звезда, но ја изгубил врската со контролната кула и паднал во индустриската зона на километар и половина од пистата.

„Хеликоптерот кружеше. Имаше густа магла и дожд. Се слушна дека нешто падна, но не знам што и каде“, вели Мирослав Томиќ, локален жител.

„Има шума во близина, сигурно се случило тука некаде. Имаше голема магла, не се гледаа уличните светилки ни на шест метри“, додава Момчило Ружиќ, локален жител.

„Слушнав тресок, но не можам да кажам што беше. Ги слушам авионите кога полетуваат, но не сум сигурен дали ова е тоа“, вели Милорад Ивановиќ, локален жител.

Пред падот на хеликоптерот, ноќеска се одвивала вистинска драма меѓу Нови Пазар и Белград. Возилото на итната помош кое требало да го префрли во болница бебето во критична состојба заглавило на патот поради одрон. Морало да се реагира итно бидејќи малечкото имало кислород за само еден час.

На помош бил испратен хеликоптерот, управуван од искусни пилоти кои повеќето учествувале во спасувачките операции за време на големите поплави што ја зафатија Србија лани.

 

Ивана Салтировска