Развој на винскиот туризам на југоистокот од Македонија
Гевгелиско-валандовското виногорје кое е едно од четирите најголеми во државата, заедно со струмичко- радовишкото кои влегуваат со помал дел се одлична основа за развој на винската индустрија, но и винскиот туризам...

Југоистокот од Македонија се подготвува да стане вински центар. Гевгелиско-валандовското виногорје кое е едно од четирите најголеми во државата, заедно со струмичко- радовишкото кои влегуваат со помал дел се одлична основа за развој на винската индустрија, но и винскиот туризам. Винариите сметаат дека тука ги има сите услови за привлекување туристи.
„Македонија е прекрасна земја, пред се зашто имаме прекрасна клима, традиционално гостољубив народ. Тоа е база за развој на туризмот, и општо и винскиот туризам“, вели Делчо Балтовски- винарија „Далвина“.
Деновиве и интернет страницата „Вајн енд фуд“, ја вброи Македонија во новите пет вински дестинации. Од друга страна, во тек е огласот на Министерството за транспорт и врски за продажба на парцела од околу 20 илјади квадрати за изградба на винарница. Василево пак, планира да отвори специјализирана индустриска зона за оваа намена.
„Покрај оние услови и подобности кои ќе ги понуди винската индустрија, мора да ги согледаме можностите на хотелиерството, но и патното поврзување, за лесен пристап на туристите до Македонија“, вели Балтовски.
Извозот на вино во 2014 година бележи пораст од 34 отсто во поглед на количините и 48 отсто во поглед на остварена вредност на извозот. Лани од државата се извезени вкупно околу 80 милиони литри наливно и вино во шишиња, од што се инкасирани нешто над 48 милиони евра.
Катерина Давчева
