Премиера на „Геноцид“ во Битолскиот театар
Со вечерашнава премиера „Геноцид“ режисерот Љубиша Георгиевски по подолго време се врати на сцената на матичната театарска куќа. Тоа е драма во која се прераскажува за историскиот феномен што се случува врз човештвото. Авторот претставата ја посветува на македонските мајки, децата бегалци од Егејот како и грчкиот трагичар Еврипид. Сите тие на најразличен начин ги почувствувале последиците од ужасите на геноцидот...
Пиесата „Геноцид“ во режија на Љубиша Георгиевски во седум слики ги прераскажува сите приказни за злосторствата, за ужасите од минатото кои за жал се повторуваат и денеска, за човековите страсти и порази за погубноста од погубувањето. Приказни во кој свој историски дел зазема и македонскиот народ. Токму затоа режисерот Георгиевски овој текст го посветува на македонските мајки кој раѓале по едно чедо повеќе од она што крвниците можеле да погубат, на децата бегалци од Егејот но и на познатиот грчки трагичар Еврипид кој на времето исто така побегнал од Грција за да не ја сподели судбината на Сократ.
„Во наводници кажано геноцидот е една од најтрајните придобивки на човештвото. За овие три илјади години сѐ се промени освен геноцидот остана ист“, вели режисерот Георгиевски.
Првото театарско сведоштво го дава Хомер во неговото капитално дело „Илијада“, вели Георгиевски. Неговото гледање на оваа појава пред битолската публика ќе го доближи тричлената актерска екипа. Иако се докажани имиња велат кога режисер ви е професорот, чувството е како да се враќаме во студентските денови.
„Концептот на претставата ми е многу драг затоа што овозможува говорот на телото да го искажувам на сцената, едноставно уживам во креацијата на ликот“, вели актерката Габриела Петрушевска.
„Му благодарам на професорот што постојано ни ги открива тајните на театарската игра и по 55 години плодна работа тој сеуште е полн со енергија“, вели актерот Петар Мирчевски.
Само за неколку месеци ова е третата годинешна премиера на битолскиот Народен театар. Како четврта ја најавија Шекспировата „Антонио и Клеопатра“, а ќе ја режира нивниот пријател од Америка, Џон Блонден.
Стевче Митревски
