Расте бројот на заболени од ХИВ/ СИДА

14.03.2015 17:01

Министерството за здравство го доби вториот дел од грантот од Глобалниот фонд за ХИВ/ СИДА, туберкулоза и маларија, во вредност од 4 милиони евра кој ќе почне да се реализира во периодот 2015-2016-та. Во првиот дел беа исплатени 6 милиони евра за периодот 2012-та 2014-та...

Расте бројот на заболени од ХИВ/СИДА во Македонија. Лани починале 78 лица од оваа болест. Сепак, свеста за навремена проверка се зголемува кај луѓето. Министерството за здравство денеска објави дека го добиле и вториот дел од грантот од глобалниот фонд во вредност од 4 милиони евра. Средствата ќе бидат поделени со невладини организации кои се активни околу намалувањето на оваа болест.

„Во 2014 година инфицирани со ХИВ вирусот биле 239 лица, од кој на терапија се 161 а починати се 78 лица“, изјави Наташа Николовска Станковиќ, директорка на Глобален фонд.

Набавен е и систем за генотипизација и детекција на ХИВ. Наскоро ќе биде ставен во функција на клиниката за инфективни болести.

„Апаратот наскоро ќе биде инсталиран и ставен во функција, а вредноста изнесува 85.000 евра. Станува збор за врвна дијагностика во оваа област, односно апарат кој овозможува прецизирање на генотипот на ХИВ, а со тоа и поставување на соодветна терапија, што придонесува кон значително намалување на вкупните трошоци“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Во текот на оваа година се планира и набавка на лабораториска опрема во износ од над 130.000 евра, со цел зајакнување на капацитетите за дијагностика на овие заболувања. Со средствата донирани од глобален фонд годинава ќе се набави и специјално опремено возило во износ од околу 30.000 евра кое ќе послужи како мобилна амбуланта за теренско тестирање и советување за сексуално преносливи инфекции меѓу популации изложени на ризик.

Ќе продолжат и активностите во рамки на националната кампања за подигнување на јавната свест за ХИВ/СИДА, додаде Тодоров.

 

Александра Перевска