МТВ сторија: Самохрана мајка во тешки услови расте четири деца

14.03.2015 17:06

Без вода и струја, во влага и од храна која ќе им ја остават хуманите луѓе. Вака секој ден живее 40 годишната Благица со своите четири малолетни деца. И треба само сигурен дом за да може да ги остави децата и да почне да работи за да им обезбеди пристојна иднина...

Секој нов ден им зависи од хуманоста на луѓето. Јадат што ќе им донесат, често се и гладни. Судбината си поиграла со нив. 40- годишната Благица е самохрана мајка на четири деца. Живеат во една мала соба, дивовселени во куќа во скопско Волково. Немаат ни вода ни струја. Најмалото има 10 месеци, болно е од бронхитис, а  дополнителен проблем е влагата во домот. Мајката Благица е загрижена за неговото здравје. Откако го загубила сопругот, веќе пет месеци сама се бори за опстанокот на своите најмили.

„Нема никакви услови за живот, нема бања, децата надвор се бањаат. Барем станбеното прашање да ми се реши за да можам Кристијан да го дадам во градинка и да почнам да работам, да застанам на нозе, затоа што од ден на ден се повеќе тонам. Овде е далеку, нема ни градинка, а и не можам да ги оставам сами децата. Не сме безбедни овде за да можам да одам да работам“, изјави Благица Николовска, самохрана мајка.  

Кога ќе се запалат уличните светилки, само тогаш има светлина во нивниот дом. Децата на Благица се тажни, немаат ни свој кревет, сонуваат за свое катче во домот.

„Мојата најголема желба е да ни дадат стан, да имам своја соба, за да можам да ги извршувам домашните задачи“, вели Магде Николовска.

Благица е невработена, нема никакви приходи. Социјалната помош не ја добива, бидејќи сметките и се блокирани. Бара поддршка од институциите и добронамерниците  за да може да си ги одгледа четирите деца.

Неизвесноста за иднината на нејзините деца најмногу ја плаши Благица. Оваа куќа не е во нивна сопственост, живеат привремено, во страв дека во секој момент може да ги избркаат и да останат на улица.

 

Андријана Атанасовска