Растот на економијата ја намалува невработеноста
14.03.2015 17:12
Континуираниот раст на економијата лани во сите квартали овозможи креирање на се повеќе нови работни места. Во 2014-та биле вработени вкупно 10.567 лица. До крајот на оваа година се очекува само во слободните економски зони работно да бидат ангажирани 16 илјади луѓе ...

Ланскиот економски раст од 3.8%, според бизнисмените е резултат на странските инвестиции, но и на вложувањата на домашните компании, зголемување на извозот, како и на личната потрошувачка. Континуиран раст на економијата познавачите очекуваат и годинава.
„Проекциите за годинава се дека ќе имаме поголем раст на брутодомашниот производ во 2015-та од минатогодишниот. Очекуваме економски раст од 4 проценти. Тоа би било доста успешно“, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.
Растот на економијата, ја намалува невработеноста. Според најавите, бројот на вработени во зоните до крајот на 2015-та ќе достигне 16 илјади. Бизнис заедницата очекува да продолжи преструктурирањето на пазарот на труд, а со тоа и намалувањето на невработеноста.
„Работниците почнуваат да размислуваат како да се вработат во новите компании, странските директни инвестиции на некој начин трасираат тренд за нови вработувања. Веќе се потребни и преквалификации за новите диркетни инвестиции“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на РМ.
Според Агенцијата за вработување и домашните компании ќе помогнат за намалување на стапка на невработеност под 27,6 проценти.
„Предвидените нови вработување се очекуваат кај работодавачите кои имаат фирми со средна големина, од 50 до 150 вработени. И тоа во секторот на преработувачката индустрија, каде што опфатот треба да биде околу 40 проценти, 20 проценти во секторот тргоција на големо и трговија на мало“, изјави Билјана Аврамовска, АВРМ.
Надлежните потсетуваат дека активните мерки за вработување продолжуваат. Во изминативе 8 години сопствен бизнис отвориле 6.700 граѓани. 73 проценти од фирмите опстануваат и успешно работат.
Наташа Јанчиќ
